Капитенот Дамјан Стојановски и оваа сезона ќе го поведе МЗТ Скопје во уште еден поход кон елитната дивизија во АБА лигата.
Утре почнува новата сезона во АБА 2, прв противник на шампионот е Вршац од Србија, а Дамјан ги повика навивачите да му помогнат на омилениот тим со победа да ја почне кампањата.
„Зад нас е добро одработен подготвителен период, а веќе одигравме и неколку официјални средби за што подобро да се воиграме. Противникот доаѓа од една од најкошаркарските земји во Европа, поради што дефинитивно заслужува респект, но мислам дека ние сме тие што ќе го решаваат прашањето околу победникот. Ако одиграме како што посакуваме, триумфот нема да ни побегне. Секако, со помош на нашата верна публика за која не се сомневам дека ќе дојде во голем број да не бодри“, порача Дамјан.
МЗТ Скопје одлучи за утрешниот натпревар да не наплаќа влезници, па сите кои го сакаат клубот можат да дојдат во „Јане Сандански“ и да му дадат поддршка.


