Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје ги оствари најавите и силно ја почна новата сезона во АБА 2 лигата во која ќе се обиде да избори враќање во елитната конкуренција.
На домашен терен, аеродромци го прегазија српскиот претставник Вршац со 75-63, пред се благодарение на одличното второ полувреме, веројатно најдобро од почетокот на сезоната за нашиот тим. Првите 20 минути МЗТ повторно не личеше на себе, се мачеше да ја најде својата игра, но во продолжение покажа зошто е меѓу фаворитите за највисок пласман во АБА 2.
Во првото полувреме, главно во водство беше Вршац, со кратки периоди кога МЗТ Скопје ја преземаше контролата над резултатот. На стартот од втората четвртина, предноста на гостите изнесуваше и шест разлика (20-14 и 22-16), македонскиот првак нешто подоцна направи пресврт и поведе со 27-25, но на голем одмор се замина со водство на гостите од 37-34.
Резултатска нишалка имаше до средината на третиот квартал, а потоа МЗТ дефинитивно ги презеде работите во свои раце. По водството на Вршац ос 43-42, МЗТ Скопје направи серија од 10-0 за предност од 52-43, а точка на сите дилеми беше ставена во последната четвртинсс со серијата од 8-0 или 13-3 за највисоки 75-56 на три минути пред крајот на натпреварот. Победата на МЗТ ќе беше поубедлива ако на крајот не дојде до опуштање кое гостите го искористија и со предност од 7-0 го ублажи поразот.
Мекејден со 21 поен беше најефикасен играч на мечот, Смит додаде 18, а Дејвис 10. Денешната победа дополнително добива на значење ако се знае дека е извојувана без американскиот интернационалец Гил кој не играше поради здравствени проблеми. Во второто коло, на 22 октомври, МЗТ Скопје ќе гостува во Црна Гора, кај екипата на Сутјеска.


