Откако минатата сезона ја заврши со катастрофални резултати и без пласман во финалето во АБА лигата и домашното првенство, Црвена Звезда очајно ја почна и новата натпреварувачка кампања.
Во првите три меча во сите натпреварувања, „црвено-белите“ претрпеа порази и заедно со крајот од минатата сезона се во серија од шест неуспеси. Екипата доживеа голема трансформација во текот на летото, а во текот на подготовките се повредија неколку кошаркари кои требаше да бидат носители на екипата. Звезда в петок гостува кај актуелниот европски шампион Фенербахче, а раководството на клубот уште сега го подготвува теренот за разделба со тренерот Јанис Сферопулос.
Српските медиуми тврдат дека грчкиот стручњак ги живее последните денови во Белград и најдоцна до крајот на оваа недела ќе му биде доделен отказ. Контактиран е и неговиот евентуален наследник Саша Обрадовиќ чиј одговор се чека и од него зависат следните чекори на клубот. Обрадовиќ веќе беше тренер на Звезда во 2020 година, но се раздели под лоши околности, а тогашното раководство го обвини дека не го сака клубот затоа што си ги побара сите пари до крајот на договорот.
Ако тој прифати, Партизан и Црвена Звезда ќе имаат тренери со исто презиме (Жељко и Саша Обрадовиќ). Во случај да одбие, Звезда најверојатно ќе се сврти кон својот поранешен тренер Дејан Радоњиќ кој е слободен откако на крајот од минатата сезона си замина од Бахчешехир.


