По трите порази во воведните три натпревари од сезоната, Црвена Звезда вечерва го запиша првиот триумф и тоа не каде било, туку на теренот на актуелниот европски првак Фенербахче.
Ова е втора победа на српскиот тим против овој ривал во Истанбул откако таму славеше и минатата година, но сега таа има поголема значење поради статус европски шампион на ривалот и фактот што Звезда играше без тренер затоа што Јанис Сферопулос вчера доби отказ, неговиот наследник уште не е назначен, а екипата ја воеше асистентот Томислав Томовиќ.
За разлика од претходните натпревари, „црвено-белите“ вечерва одиграа извонредно, го бушеа домаќинот од сите позиции, а и во одбраната добро се снаоѓаа. Иако сите дадоа се од себе, се истакна Чима Монеке кој не само што заврши со дабл дабл од 20 поени и 12 скока, туку во клучните моменти постигна шест поени, блокада и офанзивен скок со што го одби налетот на противникот.
Кај Фенербахче се истакнаа Хортон-Такер и Колсон со по 19 поени, додека Јантунен додаде 15.


