На два дена пред почетокот на својот настап, поранешниот европски шампион Цибона одлучи да се откаже од АБА 2 лигата со што предизвика потрес во регионалното натпреварување.
Загрепскиот клуб е еден од основачите на АБА и поранешен шампион, но минатата сезона испадна од елитната конкуренција и мораше да плати 300 илјади евра за административно да остане таму. Останатите клубови не се согласија да остане на стара слава, а на загрепчани не им се допадна идејата да платат специјална покана во висина од третина од годишниот буџет, па одлучија да играат во АБА 2.
Сега пропадна и тоа, Цибона по осум години се врати во натпреварувањата на ФИБА, обезбеди пласман во Европа купот, но одлучи да се откаже од АБА 2 затоа што се актуелниот играчки кадар е невозможно да настапува на три фронта. Освен тоа, Хрватскиот кошаркарски сојуз уште пред неколку години најави финансиска поддршка за клубовите кои ќе ја напуштат АБА и ќе се преселат во натпреварувањата на ФИБА, се спомнуваа милион евра што можеби е еден од факторите за одлуката на Цибона.
Истапувањето на Цибона од АБА 2 денеска е официјално потврдено, а интересно е тоа што прв противник на „волците“ требаше да биде македонскиот вицешампион ТФТ. Клубот од Тафталиџе нема да патува за Загреб, а местото на Цибона најверојатно ќе го пополни Слобода Ужице за што потврда треба да има најдоцна до среда. Хаосот што го предизвика Цибона може да биде позитивно за МЗТ Скопје бидејќи шампионот сега е прв фаворит за пласман во елитната конкуренција на АБА.


