Поминаа само две недели од новата сезона, а Црвена Звезда веќе се соочи со еден куп проблеми во составот кои директно или индиректно предизвикаа и тренерска смена.
Најновиот проблем е поврзан со Тајсон Картер кој по се изгледа ќе мора да отсуствува повеќе месеци поради емболија на белите дробови (запушување на една или повеќе артерии). Синоќа Звезда објави дека тој е хоспитализиран, а најверојатно во текот на денешниот ден ќе има повеќе информации во врска со неговата состојба и со должината на паузата.
Во моментов е јасно дека поранешниот кошаркар на Уникаха нема да биде на располагање за дуелите со Жалгирис и Реал што се играат оваа недела, но многу поголем проблем ќе биде ако се остварат најавите за негово повеќемесечно отсуство. Картер одлично ја почна сезоната, просечно постигнуваше по 14,7 поени во Евролигата, со 50% шут за два и 40% за три поени, па јасно е колку би му недостасувал на тимот.
Покрај него, новиот тренер на Звезда, Саша Обрадовиќ не може да смета уште на Девонте Греем, Ајзеа Кенан, Хасиел Риверо, Огњен Добриќ, Урош Плавшиќ и Џоел Боломбој.


