Откако во првото коло од турското првенство го совлада Шарунас Јасикевичиус, македонскиот стручњак Емил Рајковиќ покори уште еден славен и трофеен европски тренер.
Во рамките на второто коло од Лигата на шампионите, Тофаш со 91-89 како гостин го совлада италијанскиот Трапани на чија клупа е поранешниот селектор на Хрватска, Јасмин Репеша. Турската екипа одигра извонредно прво полувреме во кое постигна 53 поени и на голем одмор замина со +17, но малку недостасуваше да ја загуби високата предност.
На стартот на третиот период, Тофаш водеше и со 21 разлика (57-36), но Трапани во вториот дел направи голем пресврт и мачку недостасуваше да ги освои двата бода. Во последната четвртина на само еден поен негатива и тоа во два наврата, но серијата од 5-0 на гостите на три минути пред крајот, по која отидоа на 84-77, се покажа клучна за триумфот.
Сега Тофаш има 2/0 и е на делба на првото место во својата група со шпанскиот Тенерифе со кои се среќава во следните две кола, прво дома на 28 октомври, а потоа на гости на 11 ноември.


