Екипата на Пелистер максимално подготвена го дочекува денешниот меч во Загреб против Цедевита јуниор, прв во историјата на клубот во ФИБА Европа купот.
Битолскиот клуб првпат ќе биде дел од групната фаза на едно ФИБА-натпреварување, а желба на сите во Пелистер е достојно претставување на македонската кошарка во европски рамки, почнувајќи токму од денешниот дуел во Загреб. Екипата ја отвори домашната сезона со две убедливи победи над Работнички и Чаир, што уште повеќе ја крева самодовербата пред премиерата во ФИБА Европскиот куп.
„Задоволен сум од она што го прикажуваме на почетокот од оваа сезона. Во тимот владее одлична атмосфера, имаме добра енергија кај сите играчи, домашните и странските кошаркари одлично се вклопија и сето тоа дава оптимизам за уште подобри изданија во наредниот период. Ова сепак е само почеток на сезона, верувам дека ќе растеме како екипа како што ќе одминува времето“, вели репрезентативецот Андреј Митревски пред вечерашниот натпревар.
Натпреварот во арената „Дражен Петровиќ“ во Загреб почнува во 19 часот, а во исто време се игра и вториот меч од групата Д, меѓу Керавнос од Кипар и Приевидза од Словачка.


