Екипата на Пелистер нема по добро да го памти својот прв натпревар во ФИБА Европа купот бидејќи денеска доживеа убедлив пораз на гостувањето во Загреб.
Цедевита Јуниор славеше со 94-76 во меч во кој македонскиот претставник се наоѓаше во водство само 45 секунди и тоа во воведната фаза. Не функционираше шутот од дистанца, Пелистер погоди само четири тројки од 21 обид и тука, меѓу другото, треба да се бара причината за убедливиот пораз.
Домаќините го отворија мечот со брзо водство од 6-0, пред првите поени за Пелистер да ги постигне Андреј Митревски (6-2). Цедевита Јуниор за момент имаше 8-2, но Пелистер имаше одговор и во четвртата минута поведе со 8-9, прво водство на македонскиот тим на натпреварот. По ефикасниот старт се влезе во серија грешки на двете страни, Цедевита јуниор по осум минути игра водеше со 18-16, Пелистер израмни на 18-18 со забивањето на Ленгстон Вилсон, но хрватскиот тим подобро ја заврши четвртината, поведувајќи со 24-20. Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Стајиќ, кој најпрви асистираше до Вилсон, а веднаш потоа украде топка и рутински реализираше за 24-24. Тука беше крајот на отпорот на Пелистер бидејќи од тој момент, до крајот, во водство постојано беа домаќините. Повторно следеше период на грешки, а откако домаќинот поведе со 28-24, нешто подоцна и со 35-27, за на голем одмор да се замине со 44-35
Во вториот дел, доминацијата на Цедевита Јуниор дополнително дојде до израз и предноста постојано се зголемуваше. Со тројката под фаул на Даниелс стигна до +13 (56-43), нешто подоцона и со 59-45, а во последните десет минути Пелистер влезе со негатива од 67-53. Крај на сите надежи на Пелистер беше ставен со серијата од 12-2 по која Хрватите поведоа со 86-66.
Најдобар играч на Пелистер во овој пораз беше Ленгстон Вилсон со 17 поени и 12 скокови, а двоцифрен ефект имаа уште и Митревски со 13, Си-Џеј Вилсон со 11 и Малешевиќ со 10 поени. Во второто коло Пелистер првпат ќе игра како домаќин во ФИБА Европа купот, а противник ќе биде словачкиот претставник Приевидза која вечерва го совлада Керавнос од Кипар со 82-68.


