Хрватскиот стручњак Анте Назор повеќе не е тренер на тимот на Кварнер откако доби отказ по само три одиграни кола во хрватското првенство.
Тимот од Ријека претрпе два непријатни порази дома од Забок и Дубрава, а не успеа да се квалификуваа за ENBL лигата преку Купот Либурнија. Сепак, по одличната ланска, очекувањата беа дека Назор ќе добие поголема толеранција од клубот и дека ќе му биде овозможено барем да ја води екипата во дербито против Шибенка на Балдекин.
На крајот, раководството одлучи да ја прекине соработката со тренерот кој го водеше тимот до големи победи против Задар, Сплит, Цибона и Цедевита Јуниор минатата сезона.
„Му благодариме на Анте Назор за посветената работа, професионализмот и енергијата што ја донесе во нашиот клуб. Во изминатите 42 натпревара на клупата на Кварнер, тој остави силен белег, човечки и спортски. Ви благодариме за сè, Кварнер секогаш ќе ве смета за дел од својата приказна!“, напиша клубот.
Анте Назор е добро познато лице во македонската кошарка бидејќи беше тренер на МЗТ Скопје во сезоната 2016/17, една од најбурните во историјата на нашата кошарка. Беше назначен пред крајот на ноември 2016, како трет тренер на клубот од Аеродром, на местото на Александар Јончевски откако кампањата ја почна Емил Рајковиќ. Назор не успеа да го освои Купот на Македонија, но триумфираше во плејофот, по финалната серија во пет натпревари против Карпош Соколи која предизвика толкава бура што Кошаркарската федерација на Македонија одлучи да ангажира судии од Турција.


