Црвена Звезда ја оствари третата победа во низа во Евролигата откако вечерва на домашен терен му одржа лекција на најтрофејниот европски клуб Реал.
Белграѓани славеа со 90-75 што е нивна најголема победа против мадридскиот тим во елитното европско натпреварување. Рекорден досега беше триумфот од 2016 година кога Звезда славеше со 82-70, а „црвено-белите“ имаат една победа против Реал со 100-81, но остварена во УЛЕБ купот во 2006 година.
Победата на Звезда дополнително добива на значење ако се знае дека на почетокот на втората четвртина гостинот водеше со 31-20. Во натамошниот дел од мечот, белградскиот тим постигна 70, а прими само 44 поени. Реак беше во водство до финишот од вториот период, Звезда потоа направи серија од 7-1, на полувреме замина со 43-39, а во третата четвртина тотално го згази славниот ривал. Во финалните десет минути, Реал ниеднаш не се симна на едноцифрена негатива.
Најдобар играч во победничкиот тим беше Коди Милер Мекинтаер кој имаше шанса да заврши со трипл дабл, а постигна 18 поени, 8 скока и 8 асистенции. Со оваа победа Звезда се израмни со Реал со биланс 3/2, а шанса да ја продолжи триумфалната серија има шанса и во следното коло кога го пречекува најлошиот тим во досегашниот дел од сезоната Басконија.


