И по шест одиграни натпревари во полската Втора лига, екипата на Старогард Гдањски има максимален ефект откако денеска го победи Лешно со 101-94.
Како резултат на тоа, тимот предводен од трофејниот македонски стручњак Дарко Радуловиќ се наоѓа на првата позиција на табелата, а непоразен е уште Бидгошч, но со натпревар помалку. Старогард не само што има максимален ефект, туку просечно ги победува своите ривали со безмалку 13 поени разлика, а подобар, меѓу другите, беше и од своите ривали за врвот, второпласираниот Тиши кого го победи со 90-76 и четвртопласираниот Ланкут кого минатата недела го растури на негов терен со 77-61.
Радуловиќ е тренер на Старогард Гдањски од февруари годинава, минатата сезона не успеа да се пласира во плејофот, но оваа очигледно направил добра екипа која ќе се бори за пласман во полската елита. Во својот состав го има и поранешниот кошаркар на скопски Феникс, Демонте Бакингем.


