АБА шампионот Партизан доживеа тежок удар по своите амбиции откако синоќа, на мечот со ФМП се повреди еден од најдобрите играчи во екипата Карлик Џонс.
Во текот на ноќта се извршени прегледи, а тие ги потврдија најцрните сомнежи – плејмејкерот ја скршил петтата метатарзална коска и го очекува пауза од околу три месеци што значи дека нема да заигра до крајот на оваа година. До повредата дојде пред крајот на основниот дел од дуелот против ФМП (109-103 за Партизан по продолжение) кога репрезентативецот на Јужен Судан незгодно доскокна при положување и веднаш побара замена.
Дека нешто не е в ред стана јасно непосредно по завршувањето на натпреварот кога Џонс со помош на лицата од медицинскиот персонал го напушти теренот, а потоа на патерици си замина од соблекувалната.
Сега Партизан ќе мора да најде квалитетен плејмејкер бидејќи целата игра на тимот беше базирана токму на Џонс. Единствен преостанат организатор е Двејн Вашингтон, но тој игра со многу осцилации и прашање е дали може да одговори на задачите на Жељко Обрадовиќ. Данскиот репрезентативец Ифе Лундберг се уште е на платниот список на Партизан, меѓутоа тренерот пред почетокот на сезоната го извести дека не смета на него и тој воопшто не се појави ни на подготовките на Партизан.
Неодамна белградскиот клуб остана и без поранешниот кошаркар на Лејкерс, Шејк Милтон кој исто така се повреди, а екипата се уште нема замена за Тајрик Џонс на центарската позиција и е во потрага по уште еден висок играч.


