Сосема неочекувано, Партизан се најде во голем проблем откако синоќа, на мечот против ФМП се повреди репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс.
Сега, освен центар, белградскиот клуб ќе мора да бара и плејмејкер и тоа во најбрз можен рок бидејќи распоредот е немилосрден и се игра безмалку на секои 2-3 дена. Во оваа фаза од сезоната тешко е да се најде квалитетно решение на која било позиција бидејќи кошаркарите главно се обврзани кон своите клубови, но Партизан ќе се обиде да најде решение кое за навивачите е најмалку очекувано.
На радарот на менаџментот и стручниот штаб, наводно, е аргентинскиот репрезентативец Лука Вилдоса кој оваа сезона ја почна во Виртус, но се соочува со големи проблеми, не во клубот, туку во Италија. Минатата недела тој и неговата сопруга, одбојкарката Милица Тасиќ нападнале медицинско лице поради што биле притворен и против нив се води судска постапка. Клубот најави санкции против искусниот плејмејкер и не е исклучено тој да добие отказ претстојниот период иако летово се пресели во Виртус, од Олимпијакос. Ако тоа се случи, а може да биде веќе оваа недела, Вилдоса не би имал многу опции пред себе, исто како и Партизан кој не може многу да бира.
Со оглед на неговото искуство и квалитет, како и фактот што има европска титула со Панатинаикос, јасно е дека Вилдоса би бил големо засилување за Партизан, но „проблем“ е неговото минато бидејќи една сезона (2022/23) помина во најголемиот ривал Црвена Звезда. Секако не би бил прв играч кој покрај Звезда би играл и за Партизан, таков беше случајот, на пример и со Матијас Лесор кој сега е миленик на „Гробарите“, но навивачите на овој клуб и Вилдоса имаа многу препукувања, па дури и инциденти додека тој го носеше дресот на најголемиот ривал.


