Клубовите од Израел наскоро ќе почнат да играат натпревари од Евролигата во својата земја, по пауза од две години.
Менаџментот на европската кошаркарска организација денеска објави дека е постигната согласност, Макаби и Хапоел од декември да ги пречекуваат своите ривали на домашен терен.
„Клубовите-членови на ECA се состанаа денеска за да разговараат за моменталната ситуација во Израел и Газа, по неодамна објавените иницијативи за прекин на огнот и мир. На состанокот се дискутираше и за можноста за враќање на натпреварите од Евролигата и Еврокупот во Израел, откако натпреварите беа преместени на неутрални места почнувајќи од октомври 2023 година.
По внимателно разгледување, клубовите на ECA се согласија да го одредат 1 декември 2025 година како датум кога натпреварите би можеле повторно да се играат во Израел. Дотогаш, Евролигата ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата, да остане во близок контакт со локалните и меѓународните власти, тимовите што ги посетуваат и сите релевантни организации, вклучувајќи ги ELPA, EHCB и UEBO, и да се осигура дека безбедноста и благосостојбата на сите учесници остануваат апсолутен приоритет.
Евролигата и клубовите учеснички го поздравуваат најновиот план за мир со оптимизам и надеж. Организацијата ја повторува својата верба во моќта на кошарката да ги обедини луѓето и заедниците, како и својата посветеност на промовирање на мирот преку споделените вредности на спортот, почитта и единството“, стои во соопштението на Евролига.
Макаби и Хапоел во моментов своите натпревари како домаќини ги играат во Белград и Софија, а во српската престолнина настапува и Хапоел Ерусалим кој се натпреварува во Еврокупот.


