Новата сезона во НБА лигата почнува вечерва со два натпревара, вклучувајќи го и почетокот на Лука Дончиќ во својата прва цела сезона со Лос Анџелес Лејкерс.
Словенечката суперѕвезда, заедно со Србинот Никола Јокиќ и Гркот Јанис Антетокунбо, се главните суперѕвезди меѓу рекордните 71 играч во составите на екипите. Тие го покриваат најголемиот дел од листата од 135 интернационални кошаркари, исто така нов рекорд, од 43 земји надвор од САД. Секако, покрај спомнатите тројца има уште неколку кои се веќе етаблирани во НБА, а неодамна се истакнаа на Европското првенство, како Денис Шредер, Алперен Шенѓун и Франц Вагнер.
Најмногу, шестмина европски кошаркари има Њујорк Никс, вклучувајќи тројца од Франција: Гершон Јабуселе, Мохамед Диавара и Пакоме Дадие. По петмина од Европа ја почнуваат новата сезона со Атланта Хоукс, Бостон Селтикс, Мајами Хит и Орландо Меџик. Четворица се во составите на Бруклин Нетс, Лос Анџелес Клиперс, Оклахома Сити Тандер, Портланд Треил Блејзерс, Сакраменто Кингс и Вашингтон Визардс.
Освен играчите, тројца европски главни тренери исто така ќе ја почнат сезоната: Шпанецот Жорди Фернандез на клупата на Нетс, Финецот Туомас Исало во Мемфис Гризлис и Србинот Дарко Рајаковиќ во Торонто Репторс.
Новата сезона почнува во Пејком центарот каде бранителот на титулата Оклахома Сити Тандер го пречекува Хјустон, а потоа вниманието се сели во Лос Анџелес каде Лејкерс ќе биде домаќин на Голден Стејт Вориорс.


