По квалификациите за Лигата на шампионите и минатонеделното деби против Цедевита Јуниор во ФИБА Европа купот, македонскиот суперлигаш Пелистер вечерва го очекува првиот натпревар на домашен терен во едно натпреварување на ФИБА.
Противник на битолчани во салата „Боро Чурлевски“ е словачкиот претставник Приевидза која како „среќен губитник“ стигна до оваа фаза откако во квалификациите загуби од Цибона. Пред своите навивачи, Пелистер ќе се обиде да стигне до првата победа во ФИБА Европа купот и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза од еворпското натпреварување. Словаците имаат исклучително тежок распоред овој месец и досега веќе одиграа седум натпревари во октомври, па заморот може да биде еден од факторите на денешниот дуел.
„Верувам дека ќе биде многу поинаку отколку во Загреб, пред се дека ние ќе имаме сосема поинаков пристап и ќе покажеме поголема агресивност на секој дел од теренот. За разлика од Цедевита јуниор, тимот на Приевидза е исполнет со Американци, од неодамна имаат и еден босански интернационалец, така што станува збор за екипа со осум-девет странци, надополнета со двајца словачки репрезентативци. Тие имаат респектабилен ростер, но тоа не не интересира, кога играме дома пред нашата битолска публика ќе сториме се за да се покажеме во најдобро можно светло и да дојдеме до победата“, рече тренерот на Пелистер, Борче Даскаловски пред денешниот натпревар.
За разлика од Приевидза, која минатата недела го победи Керавнос, битолскиот тим имаше доволно време да се одмори бидејќи во текот на викендот не играше првенствен натпревар и последниот дуел му беше спомнатиот против Цедевита Јуниор во средата. Денешниот меч почнува во 19 часот.


