Српскиот стручњак Богдан Караичиќ не е повеќе тренер на поранешниот шампион на Грција, Арис откако денеска доби отказ од раководството на клубот.
Солунскиот гигант му го прекина ангажманот на поранешниот помошен тренер на Партизан по само два месеца и покрај тоа што беше најавена долгорочна соработка. Караичиќ лошо ја почна новата сезона, во грчкото првенство има биланс 0/3, а во Еврокупот 2/2 со тоа што минатата недела доживеа дебакл од Олимпија со 59-80.
„Управата на Арис и генералниот директор Никос Зисис имаа состанок со Богдан Караичиќ на кого му ја пренесоа одлуката за прекин на соработката. Му благодариме на Богдан за неговиот придонес и му посакуваме се најдобро во продолжение од кариерата“, стои во соопштението од Арис.
Најголемиот дел од својата досегашна тренерска кариера, Караичиќ ја помина како асистент што беше негова улога и во Партизан. Последниот ангажман како прв тренер го имаше во 2016 година на клупата на данскиот Нествед. Пред крајот на минатата сезона го водеше Партизан во првенството на Србија поради суспензијата на Жељко Обрадовиќ и притоа ја освои шампионската титула што му беше најголем успех во кариерата.


