Никола Јокиќ го запиша својот втор трипл дабл во вториот натпревар од сезоната и покрај релативно тивката офанзивна вечер во која шутираше само осум пати од поле.
За разлика од првиот меч во кој постигна 21 поен, имаше 13 скока и 10 асистенции, во вториот застана на 14 поени, 14 скока и 15 асистенции. Најважната разлика за Нагетс во тие два натпревара е што синоќа победија. Денвер, за потсетување, беше поразен од Голден Стејт Вориорс во продолжение на отворањето на новата НБА сезона (131:137). Во вториот натпревар беше домаќин на Феникс Санс и победи со 133-111.
Јокиќ го постигна својот прв кош од игра дури на 2:26 пред крајот на првата четвртина, а шутираше од поле само осум пати. Ги погоди сите пет обиди за два поена и сите четири обиди за слободни фрлања. Единствените промашувања му беа за тројки, промашувајќи ги сите три обиди.
До трипл дабл стигна пред почетокот на последната четвртина од натпреварот. Тоа е негов 166. во регуларната сезона со што се доближи на 15 од Вилт Чембрлен и може да се очекува да го помине оваа сезона.
Девин Букер постигна 31 поен, а Грејсон Ален 17 за Санс, кои го играа својот втор натпревар за две вечери. Арон Гордон, кој на првиот меч во сезоната постигна 50 поени (10 од 11 тројки) синоќа стигна само до 17, шутирајќи 1/6 за тројка, а најефикасен кај Денвер беше Мареј со 23 поени.


