Екипата на Лос Анџелес Лејкерс остана без двете најголеми ѕвезди во тимот откако по Леброн Џејмс, се повреди и Лука Дончиќ.
Американските медиуми вечерва објавија дека Словенецот има повреда на прст на ногата поради што ќе отсуствува најмалку една недела. Тоа значи дека ќе пропушти барем четири натпревари, почнувајќи од вечерашниот против Сакраменто, па потоа со Портланд, Минесота и Мемфис. Во најдобар случај би се врати за мечот со Мајами на 3 ноември.
Повредата на Дончиќ ќе биде голем проблем за Лејкерс бидејќи тешко дека некој ќе успее да го надополни неговиот ефект во нападот. На првите два меча во сезоната, против Голден Стејт и Минесота, тој постигна вкупно 92 поена.


