Вицешампионот на Македонија има 2/2 по воведните две кола од новата сезона во АБА 2 лигата.
Откако славеше на гостувањето кај Раднички Крагуевац, тимот од Тафталиџе денеска ја победи и Војводина која важи за еден од најголемите кандидати за титулата во регионалното натпреварување. ТФТ заслужува честитки бидејќи до победата дојде благодарение на големиот пресврт во последната четвртина.
Војводина беше во водство во најголемиот дел од мечот, во првата четвртина со седум разлика (13-6), во втората со осум (29-21), а на шест минути пред крајот и со девет поени (65-56). Се чинеше дека ТФТ ја губи битката, но четата на Боро Смилковски се врати со серија од 11-0 за водство од 67-65 по што, во драматичниот финиш успеа да дојде до победата.
Гордон со 21 поен и 9 скока беше најдобар играч кај ТФТ, Ташовски додаде 18 поени, 7 скока и 5 асистенции, а Говенс заврши со 14 поени. И во третото коло вицешампионот ќе биде домаќин и тоа на Домжале.


