Екипата на Пелистер доживеа убедлив пораз на второто гостување во ФИБА Европа купот откако вечерва загуби на Кипар од тимот на Керавнос со 86-99.
Македонскиот претставник ги загуби сите шанси за победа уште по првата четвртина во која играше како без одбрана. Во тие десет минути Пелистер прими 39 поени, безмалку исто како во цело второ полувреме и му дозволи на противникот да напрви предност од 17 разлика.
Во вториот период Пелистер одигра многу подобро, во еден момент успеа да симне и на едноцифрена негатива, во третата и последната четвртина дојде и на само седум поени разлика, но не и да направи целосен пресврт.
Брејси Дејвис беше убедливо најефикасен играч на Пелистер и постигна повеќе од третина поени на својот тим (33), далеку зад него остана Митревски со 13. По три одиграни натпревари, нашиот претставник во ФИБА Европа купот има биланс од една победа и два пораза и во вториот круг ќе се обиде да избори пласман во следната фаза од европското натпреварување.


