Синоќа беше комплетирано второто коло од АБА 2 лигата, натпреварување во кое има два македонски претставници.
По вториот круг, на делба на првото место се наоѓа вицешампионот ТФТ кој е еден од само трите кои немаат пораз во воведните два натпревара. Заедно со него се уште Сутјеска и Борац Бања Лука кои поради подобрата кош-разлика формално се пред нашиот тим. Победите на ТФТ дополнително добиваат на значење поради тоа што се остварени против две српски екипи (Раднички и Војводина) што ретко му се случува на македонски тим во меѓународните натпреварувања. ТФТ засега е со максимален ефект сезонава бидејќи и во домашното првенство има четири победи во воведните четири кола и исто така е на делба на првото место со уште две екипи (Пелистер и МКК Куманово).
Зад водечките се дури десет екипи со биланс 1/1, меѓу кои и македонскиот првак МЗТ Скопје. Аеродромци на стартот го совладаа Вршац, но во второто коло загубија од Сутјеска на гостински терен.
Во третиот круг, на 4 ноември ТФТ го пречекува Домжале, додека МЗТ Скопје гостува кај дебитантот во АБА 2, Студент Бања Лука.


