Српскиот судија Урош Николиќ, кој беше редовен во Евролигата и АБА, од 22 октомври се наоѓа во притвор поради учество во криминална организација и е обвинет за тешки кривични дела.
Значителни суми пари, во вредност од 250.000 евра, како и бројни луксузни часовници беа пронајдени во домот на 40-годишниот судија. Првичните проценки укажуваа дека тој главно функционирал како „благајник“ на организацијата, без директно да учествува во оперативните активности, кои вклучувале сè, од трговија со дрога до убиства.
Сепак, последните извештаи на српските медиуми откриваат нови и шокантни информации за улогата на Николиќ во криминалната организација. Тој, наводно, е осомничен за многу посериозно кривично дело, бидејќи постојат сомневања дека учествувал во планирање на обид за убиство! Негова жртва требало да биде Ненад Алибеговиќ-Алибег, еден од водачите на навивачката група „Гробари“.
Постојат сомневања дека Урош Николиќ бил во постојана врска со Страхиња М., кој е осомничен дека пукал во Алибег во 2020 година. Страхиња М. го информирал Урош Николиќ за неговиот план, како ќе го застрела Алибег, на која локација, но и за неговиот план за бегство, каде ќе се скрие и сè друго. Ако оваа информација биде потрвдена, се очекува обвинението против Николиќ да биде многу потешко. Додека трае истрагата, Николиќ е суспендиран од АБА и Евролигата.


