Турскиот репрезентативец Фуркан Коркмаз официјално е член на Тофаш и ќе биде големо засилување за тимот предводен од македонскиот стручњак Емил Рајковиќ.
Коркмаз е еден од омилените кошаркари во турската јавност и играч кој седум години, од 2017 до 2024 настапуваше во НБА лигата, во тимот на Филаделфија 76. Лани се врати во Европа, три месеци беше член на Монако, а во декември се пресели во екипата на Бахчешехир. На крајот од минатата сезона си замина и оттаму и досега беше без клуб.

Со оглед на неговото искуство во Евролигата и НБА, се очекува Коркмаз да му биде од голема помош на Тофаш, но и на Рајковиќ. Летово, 28-годишниот кошаркар беше дел од турската репрезентација која на Европското првенство го освои сребрениот медал, просечно играше по 17 минути на натпревар и постигнуваше безмалку седум поени.


