Бранителот на титуата во АБА лигата, Партизан го доживеа првиот пораз оваа сезона во регионалното натпреварување откако денеска на гости кај Дубаи загуби со 70-82.
Конечниот резултат и не е реален одраз на она што се случуваше на теренот, особено во второто полувреме во кое домашниот тим водеше и со 22 разлика. Опуштањето на крајот му овозможи на Партизан да се избори за пристоен пораз, но тој, заедно со претходните неуспеси во Евролигата, не даваат добра слика за белградскиот тим во оваа фаза од сезоната. Тренерот Жељко Обрадовиќ по натпреварот ги обвини кошаркарите дека се индолентни и дека не се борат доволно за боите на клубот.
„Во моментот кога дојдовме до предност од шест разлика, престанавме да играме и на некои кошаркари не им беше гајле за резултатот. Разочаран сум поради тоа, особено бидејќи ги пофалив на претходниот меч со Барселона за однесувањето затоа што се виде дека ја посакуваат победата. Играчите мораат да сакаат да играат кошарка, а јас можам да издвојам само двајца кошаркари кои нешто се обидуваат да направат: Шејк Милтон кој долго време не играше и Ник Калатес кој претходно одигра само еден натпревар со нас“, рече Обрадовиќ.
Партизан со овој пораз падна на второто место во својата група од АБА лигата, но тоа нема големо значење бидејќи секако ќе се пласира во следната фаза. Поголем проблем е Евролигата каде тимот се наоѓа на 17. место со биланс 3/5.


