Црвена Звезда е убедливо најдобрата екипа во моментов во Евролигата и тоа на своја кожа вечерва го почувствува европскиот првак од 2024 година, Панатинаикос.
Белграѓани тотално го уништија ПАО на домашен терен со 86-68, а реално, можат и да жалат што не остварија уште поубедлив триумф затоа што буквално си играа со славниот ривал во првите нешто повеќе од три четвртини. Највисоката предност на Звезда на овој меч изнесуваше 28 разлика и беше достигната на почетокот од последниот квартал (70-42).
Тогаш петтата лична грешка ја заработи Кендрик Нан, но без него Панатинаикос заигра подобро и направи серија од 19-4 со која го ублажи дебаклот. Треба да се потенцира дека Грците пред овој меч имаа големи проблеми со повредени играчи и во Белград допатуваат без класичен центар.
Вечерашната победа е е седма по ред на Црвена Звезда со што екипата привремено се искачи на првото место на табелата во Евролигата, пред натпреварот на Жалгирис против Валенсија в петок.


