Денвер Нагетс ја продолжи својата доминација на домашен терен во саботата навечер, убедливо победувајќи го Голден Стејт со 129-104, во нивниот втор натпревар од НБА Купот оваа сезона.
Ова беше петта победа на тимот од Колорадо во исто толку домашни натпревари, а предводен од Никола Јокиќ кој постигна 26 поени, девет скока и девет асистенции и Џамал Мареј со 23 поени. Вориорс втор пат по ред играа без нивната најголема ѕвезда, Стеф Кари, а тоа се почувствува во нивниот настап.
Кари, кој го водеше својот тим до победа во продолжение во првиот натпревар од сезоната против Денвер, го пропушти ноќешниот натпревар поради болест. Дрејмонд Грин и Џими Батлер се вратија во поставата на Вориорс, но ниту нивниот придонес не беше доволен. Грин заврши со 17 поени, а Батлер со 16, но тимот го претрпе и петтиот пораз по ред на гостински терен.
Голден Стејт внесе неизвесност во играта во текот на втората четвртина кога ја искористи кратката пауза на Никола Јокиќ и, со серија од 11-0 додека тој беше на клупата, се доближија до еден поен негатива (32-31). По минута одмор, домашните одговорија моќно. Мареј постигна две тројки, Јонас Валанчиунас додаде уште една и почна серијата од 34-18 за Денвер, што ги одведе домаќините на полувреме со огромна предност од 66-49.
До крајот на третата четвртина, Нагетс ја зголемија својата предност на 99-77, па Јокиќ можеше да ја проследи целата последна четвртина од клупата. Српскиот центар беше само еден скок и една асистенција подалеку од неговиот шести трипл-дабл во сезоната. Тој одигра само 28 минути.
Победата им овозможи на Нагетс да останат во Западната конференција Ц на НБА Купот, откако го загубија првиот натпревар од групната фаза во Портланд на 31 октомври. За Вориорс, ова беше прво учество во новото натпреварување.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Бостон 123-110
Вашингтон – Кливленд 114-148
Атланта – Торонто 97-109
Бруклин – Детроит 107-125
Сан Антонио – Хјустон 121-110
Мемфис – Далас 118-104
Мајами – Шарлот 126-108
Милвоки – Чикаго 126-110
Минесота – Јута 137-97
Денвер – Голден Стејт 129-104
Сакраменто – Оклахома 101-132


