Првиот човек на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос преку социјалните мрежи го изрази своето незадоволство од играта на својот тим.
„Зелените“ претрпеа убедливи порази во претходните две кола од Евролигата на гостински терен против Монако и Црвена Звезда, што очигледно го налути Јанакопулос, кој испрати порака до своите играчи. Конкретно, се осврна на играта на кошаркарите од надворешните позиции, на кои, во ситуација кога Панатинаикос игра со десеткувана централна линија поради повреди, им е дадена поголема одговорност. Меѓу нив се наоѓа и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој не ја добива потребната слобода во играта за да го демонстрира својот квалитет.
„Ги имаме најдобрите ниски играчи во Европа, така што оној што е во форма секогаш игра, но место да се занимаваат со тоа како ќе играат за високи кошаркари, секој си ја гледа својата работа и своите жалби. Сите сте под нивото, без разлика дали поради ароганција, рамнодушност его или нешто друго. Кога секој висок, низок или среден играч побарал што сака, без разлика дали во пари или услови, добивал во рок од неколку секунди, па би било добро да ја покажат својата вредност и на теренот“, напиша Јанакопулос.
Патанатинакос има биланс од 5/4 по девет кола во Евролигата. Во двојната рунда претстојната недела, атинскиот тим го очекуваат две напорни гостувања, против Париз и Реал Мадрид. Пред неколку дена критики за Шортс имаше и од тренерот Ергин Атаман кој на прес-конференција посочи дека воопшто не е задоволен од македонскиот репрезентативец.


