Александар Јончевски, Емил Рајковиќ и Дарко Радуловиќ остварија победи со своите екипи овој викенд во првенствата во кои учествуваат.
Атомерому на Јончевски ја победи Дуна со 81-72 за трет триумф оваа сезона во шампионатот на Унгарија. Сега овој тим има биланс 3/4 и со натпревар помалку се наоѓа на деветтата позиција на табелата, со само една победа помалку од петтопласираниот Корменд.
Тофаш, на чија клупа е Емил Рајковиќ, славеше во градското дерби против Бурса со 84-70, пред се благодарение на одличната трета четвртина која ја доби со 26-13. Екипата на Тофаш по седум кола е на петтото место на табелата со 4/3, но проблем е тоа што сите победи ги оствари на домашен терен каде е непобедлива, додека на гости не оствари ниеден триумф на трите меча.
Исклучително успешна сезона има поранешниот тренер на Вардар, МЗТ Скопје и Пелистер, Дарко Радуловиќ кој со својот тим Старогард Гдањски се наоѓа на челната позиција на табелата во Втората лига на Полска. Во ова коло, Старогард оствари триумф на гостувањето кај Вроцлав со 82-71 за осма победа во деветтиот натпревар оваа сезона. Шанса да го стигне има само Бидгошч, кој е со натпревар помалку.


