Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс би можел наскоро да стане играч на Партизан во еден од најинтересните трејдови во историјата на Евролигата.
Италијански медиуми тврдат дека плејмејкерот на Панатинаикос би можел да се пресели во Белград, а во спротивен правец да се упати кошаркарот на Партизан, Џабари Паркер. Двајцата се одлични кошаркари, но никако не можат да се вклопат во новите клубови и заедничко им е тоа што добија јавни критики од своите тренери за нивниот придонес на теренот.

Партизан до јануари нема да може да смета на Карлик Џонс, па Шортс ќе треба да ја покрие празнината иако на плејмејкерската позиција, „црно-белите“ ги имаат уште Ник Калатес и Двејн Вашингтон. „Црно-белите“ се наоѓаат во серија од четири порази во Евролигата и на 18. место во елитното натпреварување што е далеку од амбициите на клубот, посочени пред сезоната.
Од друга страна, Паркер и покрај тоа што е најплатен играч во историјата на Партизан, не може да ги прифати идеите на Партизан, па ќе се обиде кариерата да ја спаси во Панатинаикос, под водство на Атаман. Минатата недела токму Атаман беше прашан за можниот трејд со Партизан, но тогаш истакна дека не знае за такво нешто.


