Голден Стејт Вориорс го победи Сан Антонио Спарс со 109-108, а блескаше ветеранот Стеф Кари кој потврди дека годините не му можат ништо.
Тој постигна 49 поени, со 4 скока и 2 асистенции, и шутираше 16/26 од поле, 9/17 од линијата за три поени и 8/8 од линијата за слободни фрлања. Со тоа, стана највозрасниот кошаркар што некогаш постигнал најмалку 46 поени во два натпревари по ред. И тоа не е сè, во третата четвртина постигна 12 поени за три минути по 99-ти пат во својата кариера, што го прави најдобар во историјата на лигата, бидејќи зад него се Џејмс Харден со 78 такви натпревари, па Лилард и покојниот Коби Брајант кои го направиле тоа по 65 пати.
Кари беше фаулиран во последната минута од натпреварот и погоди две клучни слободни фрлања за водство од 109-108. Сан Антонио имаше напад за победа, но Дерон Фокс го промаши победничкиот шут.
Своја приказна на овој меч имаа Виктор Вембанјама и Дрејмонд Грин кои речиси постојано беа во конфликт и судиите мораа три пати да ги раздвојуваат. Французинот имаше атрактивно забивање преку Грин што предизвика нивна блиска средба во која мораа да се вмешаат и останатите актери.
Покрај „ненормалните“ 49 поени на Кари, Вориорс ги имаа и Џими Батлер со 21 поен и 8 скока, додека Вил Ричардс и Брендин Подзиемски постигнаа по 10 поени. Сан Антонио Спарс ги предводеше Виктор Вембанјама со 26 поени, 12 скока и 4 асистенции, а тој имаше и 3 блокади. По него следуваа Дирон Фокс со 24 поени, 4 скока и 10 асистенции, Џулијан Чемпни со 14 поени и 2 скока, Стефон Касл додаде 13 и имаше 9 скока и 6 асистенции, додека Девин Васел имаше 11 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Њујорк – Мајами 140-132
Орландо – Бруклин 105-98
Детроит – Филаделфија 114-105
Хјустон – Портланд 140-116
Милвоки – Шарлот 147-134
Минесота – Сакраменто 124-110
Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 124-110
Далас – ЛА Клиперс 127-133
Сан Антонио – Голден Стејт 108-109


