Точно еден месец по почетокот на сезоната во НБА, најдобриот стрелец во историјата на лигата го одигра својот прв натпревар во неа.
Леброн Џејмс ја санира повредата и настапи на ноќешниот дуел против Јута Џез кој Лос Анџелес Лејкерс го добија со 140-125. За „Кралот“, ова е рекордна 23. сезона во кариерата со што го собори рекордот за најдолговечен кошаркар во историјата на НБА. Досегашниот рекорд го држеше Винс Картер со 22 сезони, а по 21 одиграа Кевин Гарнет, Дирк Новицки, Роберт Периш и Кевин Вилис.
Враќањето на Леброн ги направи Лејкерс уште поопасни, па тимот од Лос Анџелес го собори тимскиот рекорд за оваа сезона, првпат постигнувајќи 140 поени. На теренот помина речиси 30 минути и за тој период постигна 11 поени, 12 асистенции и три скока.
Јута не дојде со бело знаменце во Калифорнија, напротив, се обиде да победи, осоколена од претходните ефикасни натпревари последната недела на кои два пати ја мина границата од 150 поени. Поведе со 16-6 и првото полувреме го заврши со неверојатни 71 поен, најавувајќи изненадување. Сепак, Лејкерс го свртеа натпреварот во третата четвртина која ја добија со 37-22 и потоа се беше полесно.
Лука Дончиќ беше прва ѕвезда со 37 поени, 10 асистенции и пет скока, зад него беше Ривс со 26 поени, додека Џорџ со 34 поени ја предводеше Јута.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Голден Стејт 121-113
Атланта – Детроит 112-120
Бруклин – Бостон 99-113
Сан Антонио – Мемфис 111-101
ЛА Лејкерс – Јута 140-126
Портланд – Феникс 110-127


