Екипата на Тренто синоќа доживеа нов пораз во Еврокупот по кој пласманот во следната фаза станува се потешко достижен иако разликата со шестопласираниот Лондон Лајонс е еден натпревар.
На домашен терен, италијанскиот тим оствари само една победа на четири натпревари, а допрва му следуваат тешки натпревари пред своите навивачи. И во домашното првенство не му оди на Тренто, тимот се наоѓа во серија од четири порази и на деветтото место на табелата поради што под притисок е тренерот Масимо Канчелиери кој ја презеде екипата во текот на летото.
Медиумите во Италија тврдат дека тренерот добил ултиматум да го добие натпреварот против Тревизо во следното коло или, во спротивно, ќе добие отказ. Тој меч е последен пред двонеделната пауза поради почетокот на квалификациите за Светското првенство, па евентуалниот нов тренер ќе има доволно време да се запознае со тимот. Интересен е списокот на можни наследници на Канчелиери бидејќи на него се наоѓа едно познато име.
„Најверојатно, ако Тренто загуби в сабота, тренерот Канчелиери ќе добие отказ. Две имиња се во преден план за негов наследник: Џанмарко Поцеко (со убедлива предност) и Валтер де Рафаеле“, пишува италијанскиот новинар Стефано Фриго.
Поцеко до пред два месеца беше селектор на италијанската репрезентација која ја напушти по Европското првенство. Неговиот последен клупски ангажман беше на клупата на Асвел кого до лани го водеше во Евролигата, а од септември е без работа.

