На денот кога селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски го објави поширокиот список на кошаркар за воведните два меча од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, селекцијата на Азербејџан се засили со уште еден натурализиран кошаркар.
Азербејџански пасош имаат Зек Ледеј од Олимпија Милано и Донта Хол од Басконија, но ниеден од нив нема да му се стави на располагање на селекторот Тахир Бакшијев. Местото на натурализиран играч ќе го пополни кошаркарот на Тенерифе, Весли ван Бек кој неодамна добил државјанство на Азербејџан.
Иако игра во силна лига, Ван Бек засега нема којзнае каков придонес во Тенерифе, одигра само четири натпревари од кои три во шпанското првенство и еден во Лигата на шампионите и има ефект од 3,7 поени, 1,3 асистенции и 0,3 скокови.
Станува збор за играч на позицијата 2, висок е 193 сантиметри, во сезоната 2023/24 соработуваше со македонскиот стручњак Ѓорѓи Кочов во тимот на Кемниц, а настапувал и во Петким и Калев Крамо. Има одличен шут од дистанца и тоа е неговото најсилно оружје. Според извештаите од азербејџанските медиуми, Ван Бек нема да пристигне на почетокот на подготовките, туку на репрезентацијата ќе ѝ се приклучи во Скопје.


