Српскиот и АБА шампион Партизан го претрпе петтиот пораз во последните шест кола од Евролигата и вкупно осми во сезоната откако вечерва на домашен терен загуби од Фенербахче со 87-99.
Бранителот на титулата во елитнито натпреварување премногу лесно дојде до триумфот на гостувањето кое требаше да биде едно од најтешките во сезоната. Голем дел од дилемите околу победникот беа решени уште во воведните минути во кои Фенербахче направи 14-0 и потоа на „црно-белите“ им беше многу тешко да се вратат во игра.
Партизан беше рамноправен или можеби и подобар само во првата половина од третата четвртина во која направи 17-5 и се доближи на само шест поени негатива (56-62). Фенербахче одговори со три тројки во низа, во последниот квартал домаќините пак дојдоа на -6 (72-78) и повторно турскиот тим врати со 11-2 со што стави крај на сите дилеми околу победникот. Шутот од дистанца беше еден од главните фактори за победата на Фенербахче, имајќи предвид дека играчите на турскиот првак погодија 15 тројки од 28 обиди.
Сега Партизан има биланс 4/8 и останува при дното на табелата во Евролигата, додека Фенербахче го оствари четвртиот триумф во низа и остана во трка за врвот.
РЕЗУЛТАТИ
Олимпијакос – Париз 98-86
Басконија – Баерн 95-73
Партизан – Фенербахче 87-99
Виртус – Макаби 99-89
Валенсија – Црвена Звезда 76-73


