Како што одминува денот, пристигнуваат нови информации во врска со оставката на тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ.
Медиумите во Србија тврат дека таа е неотповиклива и дека „црно-белите“ мораат да се подготвуваат за животот без деветкратниот европски шампион, а веќе почнаа шпекулации и за тоа кој би можел да го замени. Наводно, прв фаворит е легендарниот плејмејкер на Партизан и поранешен селектор на Србија, Александар Ѓорѓевиќ кој е без ангажман откако лани ја напушти селекторската функција во кинеската репрезентација.

Ѓорѓевиќ е еден од милениците на навивачите на Партизан, херој од финалето во Купот на европските шампиони во 1992 година кога постигна тројка во последната секунда за титула на белградскиот тим. Во својата тренерска кариера има титула во турското и италијанското првенство, како и трофеј во Лигата на шампионите, освоена со Виртус. Од неговото заминување од Партизан пред 33 години, Ѓорѓевиќ повеќе не се врати во клубот во ниедна улога, па можеби дојде време за такво нешто.
Засега ова е само на ниво на шпекулација, но до крајот на работната недела би требало да се знае кој ќе ја преземе жешката тренерска клупа на Партизан.


