Не само што остана без тренер, Партизан од денеска е и без генералниот менаџер или спортски директор Зоран Савиќ.
Српските медиуми објавуваат дека тој денеска бил избркан од состанокот на Управниот одбор, а веднаш потоа одлучил да си поднесе оставка.
„Спортскиот директор на Партизан поднесе оставка поради лошите резултати на почетокот на оваа сезона и изборот на тимот што очигледно беше погрешен бидејќи избраните играчи едноставно не ја оправдаа довербата и огромните инвестиции. По функција, ова е секако одговорност на спортскиот директор. И иако Савиќ некако беше заборавен, бидејќи сите гледаа во Обрадовиќ, тој очигледно молчешкум се преиспитуваше себеси и сфатил дека е негов ред да го носи својот дел од товарот“, пишуваат медиумите во Србија.
Информацијата дека Савиќ си заминува ја потврди и Партизан преку својата интернет страница.
„Спортскиот директор на КК Партизан Моцарт Бет, Зоран Савиќ и раководството на црно-белите постигнаа договор според кој поранешниот репрезентативец на нашата земја повеќе нема да ја извршува функцијата спортски директор на клубот. Савиќ им се придружи на црно-белите во пролетта 2021 година, од кога активно работи на формирањето на тимот и сите спортски прашања на КК Партизан. Во гореспоменатиот период, Партизан обезбеди учество во најквалитетното европско клупско натпреварување, освојувајќи две шампионски титули во АБА лигата и титулата во српското првенство, со едно учество во плејоф фазата на Евролигата. Зоран, ти благодариме за сè“, пишува во соопштението.
Претходните два дена, откако беше објавено дека Обрадовиќ поднел оставка, навивачите побараа да си оди и Савиќ, но и претседателот на клубот Остоја Мијаиловиќ. Едниот ги послуша, дали и вториот ќе го направи тоа, ќе се знае наскоро.


