Поранешниот српски селектор Светислав Пешиќ на чуден начин го искоментира заминувањето на Жељко Обрадовиќ од тренерската позиција во Партизан.
Драмата со Обрадовиќ беше главна вест во европската кошарка цела недела за вчера тој официјално да ја одбие понудата за враќање на клупата. Се очекуваше да добие поддршка од својот повозрасен колега, но тоа не се случи бидејќи Пешиќ се обиде да го урне митот за најтрофејниот тренер во европската кошарка.
„Јавноста го направи Жељко многу повеќе отколку што е. Тој е одличен тренер со огромно искуство и знаење, се надевам дека не ја завршил кариерата. Тоа е порака до другите тренери, дека кога не сте во можност да го постигнете она што сте го сакале, а во процесот поставувате цели, тогаш велите: Господа, јас ја преземам одговорноста. Тука сум да помогнам, но сега треба да се оди во поинаква насока. Тоа е најкратко што можам да кажам“, рече, меѓу другото, Пешиќ, гостувајќи во едно телевизиско шоу.
Последните месеци навистина владее чудно неединство меѓу српските кошаркарски тренери што беше најизразено по елиминацијата на репрезентацијата во осминафиналето од Европското првенство. Токму Пешиќ тоа најдобро го почувствува на своја кожа откако против него се свртеа речиси сите познати тренерски имиња во земјата, префрлајќи ја вината за поразот од Финска врз него.


