Минатата недела беше мошне бурна во европската кошарка и покрај тоа што на програмата беа квалификациски и претквалификациски натпревари.
Резултатите од овие дуели останаа во втор план бидејќи сите со внимание следеа што се случува во Партизан и Олимпија Милано. Минатиот вторник клупата на италијанскиот тим ја напушти Еторе Месина, а 24 часа подоцна почна сагата со Жењко Обрадовиќ кој дури во неделата беше официјално потврден како „поранешен“ тренер на белградскиот клуб.
Со оглед на нивната возраст (65 и 66 години), не е исклучено ангажманите кои неодамна ги напуштија да се последни во нивните богати кариери што секако ќе биде голема загуба за европската кошарка. Станува збор за тренерите кои се најтрофејни во историјата на Евролигата, вклучувајќи го и поранешниот Куп на европски шампиони, со вкупно 13 освоени шампионски титули.
Обрадовиќ е далеку пред сите, со девет, освоени со пет четири различни екипи: Партизан, Хувентут, Реал, Панатинаикос и Фенербахче. Месина го дели второто место со четири шампионски трофеи, по два со Виртус и ЦСКА, а исто толку имаат уште Божидар Маљковиќ, Педро Ферандис и Александар Гомељски.
По нивното заминување, најтрофееј тренер од активните во Евролигата е Ергин Атаман кој има три титули од кои две со Анадолу Ефес и една со Панатинаикос.


