Од Уникаха денеска стигна „одговор“ на изјавата на поранешниот тренер на Партизан, Жељко Обрадовиќ во врска со Дилан Осетковски.
Во своето обраќање до јавноста и навивачите, трофејниот стручњак вчера истакна дека Дилан Осетковски не е негов потпис, туку дека претседателот на клубот, Остоја Мијаиловиќ, само го информирал дека играчот е доведен. Жељко Обрадовиќ веднаш нагласи дека нема ништо против играчот, кој е исклучително професионален и вреден од неговото доаѓање.

Сепак, на плејмејкерот на Уникаха, Кендрик Пери очигледно не му се допадна таа изјава и реагираше во желба да го одбрани својот поранешен соиграч од Малага.
Crazy how some of these coaches are so quick to throw players under the bus…and before yall start reaching, no I’m not talkin about us…
— Kendrick Perry (@kendrick3perry) December 2, 2025
„Лудо е како некои тренери толку брзо ги обвинуваат играчите. И пред дури и да почнете да претпоставувате – не, не зборувам за нас“, напиша Пери на Твитер.
Пери ѝ е познат на македонската кошаркарска јавност бидејќи во сезоната 2016/17 играше за Карпош Соколи со кого триумфираше во Купот на Македонија и е еден од најдобрите странски играчи кои настапувале во македонското првенство. Во натамошниот дел од својата кариера играше за Мега, Будуќност, Панатинаикос…, а неколку години е и репрезентативец на Црна Гора.


