Иако бројот на трипл дабл натпревари последните сезони не може да се спореди, Расел Вестбрук не планира без борба да му го отстапи местото на врвот на Никола Јокиќ.
Фантастичниот плејмејкер оваа сезона игра одлично во Сакреаменто Кингс и ноќеска стигна до четвртиот трипл дабл во сезоната, а вкупно 207. во кариерата. Сега има 32 повеќе од Јокиќ кој и оваа натпреварувачка кампања е рекордер во овој сегмент со 11 досега. Извесно е дека Србинот ќе го стигне Вестбрук, можеби идната или за две сезони, но 37-годишниот кошаркар на Сакраменто се уште ја игра својата игра, особено сега кога успеа да се избори за место во стартната петорка на својот тим.
Кингс ноќеска загубија на гостувањето кај Индијана со 105-116 и останаа на претпоследната позиција во Западната конференција, но Ветбрук беше единствената светла точка во екипата со постигнати 24 поени, 14 асистенции и 13 скока. Особено беше ефектен во второто полувреме во кое успеа да го врати Сакраменто во игра, дури и во водство на шест минути пред крајот, но немаше доволно расположени соиграчи за да ја одржи предноста и, евентуално, да го однесе тимот до победата.
Двајцата Канаѓани, Нембхард и Матуран ја предводеа Индијана, првиот со 28 поени и 12 асистенции, а вториот со 25 поени.Двете екипи се далеку од борба за плејофот, но Пејсерс имаат изговор со тоа што „пола“ екипа е повредена, вклучувајќи го најдобриот играч Тајрис Халибартон кој нема да се врати до крајот на сезоната.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Сакраменто 116-105
Минесота – Феникс 105-108
Њу Орлеанс – Сан Антонио 132-135


