Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје е во одлична позиција во пресрет на завршните четири кола од лигашкиот дел на АБА 2 лигата.
Досегашниот лидер Сутјеска вечерва го доживеа првиот пораз на сезоната, од Златибор на домашен терен (79-92), па сега шест екипи, вклучувајќи го и МЗТ Скопје, се на делба на првата позиција, а утре може да им се приклучи Морнар ако ја победи Слобода на гостински терен. Аеродромци имаат послаба кош-разлика само од Широки Бријег, па формално се на второто место, но и тоа е одлична ситуација во моментов.
Во следното коло, на 18 декември, МЗТ Скопје гостува кај еден од ривалите за највисок пласман Златибор и со тоа ја почнува серијата тешки натпревари во АБА 2 бидејќи потоа ги дочекува Војводина и Подгорица и му гостува на Широки во последното коло.


