Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски имаше натпревар за паметење против Бург, досегашниот лидер на табелата во Б групата од Еврокупот.
Нашиот кошаркар беше убедливо најефикасен на мечот со 30 постигнати поени со што го израмни личниот рекорд, а оствари индекс 43 со што секако ќе конкурира за МВП на колото во европското натпреварување. Со тоа, Јакимовски го собори рекордот на Тренто кога станува збор за натпревар од Еврокупот, надминувајќи го досегашното најдобро достигнување кое изнесуваше 41, а го постави Гери Браун во сезоната 2020/21. Тренто ја игра деветтата сезона во Еврокупот, а Јакимовски успеа да го собори рекордот по само три месеци од почетокот на сезоната.
„Среќен сум за тимот, горд сум бидејќи покажавме карактер. Се вративме по ужасниот старт и остваривме голема победа. Нема да застанеме тука, ќе продолжиме во исто темпо и се надеваме дека ќе играме уште подобро“, рече по мечот можеби најдобриот македонски кошаркар во моментов.
По вчерашната победа, Тренто привремено се искачи на петтото место на табелата во својата група со биланс 5/5.


