Мирко Оцокољиќ ќе остане тренер на Партизан на неодредено време, потврди денеска спортскиот директор Жарко Паспаљ.
Оцокољиќ, кој го презеде тимот откако Жељко Обрадовиќ си замина, можно е да остане на клупата на црно-белите и до крајот на сезоната, ако продолжи со добрите резултати.
„Неговите афинитети не се да биде прв тренер, победивме на четири натпревари, прашање е што ќе се случеше ако тргнеше поинаку. Огромна благодарност до Мирко што го прифати тимот кога немаше други решенија. Тој ќе ги води натпреварите во иднина, а дополнително ќе одлучуваме дали ќе има нов тренер. Мора да ја промениме сликата од сезоната, ќе видиме. Ќе биде интересно, тој ќе го предводи тимот во среда, колку што знам“, рече Паспаљ.
Оцокољиќ ги врати црно-белите на победнички патеки бидејќи забележа четири победи, по две во АБА и Евролигата, совладувајќи ги Баерн, Клуж, Црвена Звезда и ФМП. Претходните денови се шпекулираше дека Жоан Пењароја ќе го преземе Партизан, но на крајот се покажа дека засега нема договор, а од клубот и претходно негираа дека нешто е договорено со шпанскиот стручњак. Пред Партизан е двојно коло од Евролигата против Виртус во Белград и Жалгирис во Каунас, а натпреварот во среда ќе го води Оцокољиќ.


