Екипата на Тофаш го освои второто место во својата група од Лигата на шампионите откако по голема борба и петминутно продолжение го совлада Трапани со 99-93.
Двата тима завршија со ист број бодови (9), но турскиот тим славеше во двата меѓусебни дуели и како резултат на тоа го освои второто место во својата група. До денешната победа Тофаш стигна на неверојатен начин и со епски пресврт во финишот од основниот дел од мечот.
На 90 секунди пред крајот на натпреварот, Трапани водеше со 84-74 и требаше само мирно да го заврши мечот. Во следние 40 секунди Бесон постигна шест поени од кои три со кош и фаул и една тројка, гостите загубија две топки, па Вејли намали на 82-84, а по промашената тројка на Капелети, Перез положи на шест секунди пред крајот за израмнување и продолжение.
Фантастичната серија на Тофаш продолжи и во дополнителните пет минути кои ги отвори со 5-0 (вкупно 15-0), Трапани одговори со девет поени во низа, но потоа тимот на Емил Рајковиќ го затвори натпреварот со десет поени по ред за втор пресврт на овој натпревар исклучително важна победа.
Во плејинот Тофаш ќе игра со Шоле од Франција или Хапоел Холон од Израел, во зависност од резултатите на нивните натпревари што се на програмата утре. Се игра до две победи, а натпреварите се на програмата на 6, 8 и 13/14 јануари.


