Њујорк Никс е освојувач на титулата во НБА Купот откако во финалето што се одигра ноќеска во Лас Вегас го победи Сан Антонио Спарс со 124-113.
Херои на победата беа Оу-Џи Ануноби со 28 и Џејлен Брансон со 25 постигнати поени. Ова е првата титула во Купот на Никс и прв трофеј за франшизата по 1973 година, кога по втор и последен пат беше шампион на НБА.
Спарс водеа во поголемиот дел од финале, но Никс го покажаа својот победнички карактер во последната четвртина. Клучна беше серијата од 13-1 што започна на крајот од третиот период, а која му даде на Њујорк водство од 100-95 кое потоа Никс го задржаа до крајот. Тимот од „Големото јаболко“ го натскока противникот со 59-42, а Мичел Робинсон оствари 15 скока, од кои 10 беа офанзивни. Тоа на Никс им даде и предност од 56-44 во поени од рекетот. Џејлен Брансон беше прогласен за најкорисен играч (MVP) на турнирот.
Дилан Харпер беше најдобар кај Спарс со 21 поен. Повратникот во тиимот Виктор Вембанјама влезе од клупата и додаде 18 поени, а Де’Арон Фокс 16 поени.
Покрај трофејот, победата во финалето им донесе на играчите на Никс и парични награди. Секој заработи по 318.560 долари, со што вкупниот број достигна 530.933 долари по играч. Овој натпревар не е вклучен во официјалниот сооднос на регуларната сезона, па затоа двата тима остануваат на сооднос на победи и порази од 18/7.


