Центарот на Партизан, Тајрик Џонс се повреди во средината на втората четвртина кога мораше да го напушти теренот, а за тоа зборуваше тренерот на црно-белите, Мирко Оцокољиќ по натпреварот против Виртус.
Тој најави дека Американецот најверојатно нема да биде во комбинација за следниот меч против Жалгирис, во Каунас.
„Тој има хронична повреда на задната ложа, кога влезе во игра тоа веднаш се покажа. Истото се случи и против Црвена Звезда. Не мислам дека ќе игра во Каунас. Дојде мотивиран, промаши две забивања, Бата Зимоњиќ ми сугерираше на фактот дека не се движи добро“, рече Оцокољиќ.
Втора важна тема од денешниот натпревар беше тоа што Џабари Паркер не играше ниту една секунда.
„Моја одлука, исклучиво поради сè што видов на тренинг“, кратко рече тренерот, со што потврди дека го отстранил Американецот за овој натпревар.
Ова е најава за нова бура во Партизан кој привидно се смири, три недели откако Жељко Обрадовиќ поднесе оставка на својата функција.


