Српскиот и АБА шампион Партизан доживеа дебакл вечерва во Каунас откако загуби од Жалгирис со 67-107, во натпреварот од 17-то коло на Евролигата.
Избраниците на Мирко Оцокољиќ го забележаа својот втор последователен пораз во европското натпреварување, но повеќе од поразот против фаворизираниот домаќин, навивачите на „црно-белите“ можеби се загрижени за убедливо најслабата игра на тимот и најголемиот пораз во сезоната досега. Дополнително, белградскиот тим за малку не го сруши негативниот рекорд од сезоната 2013/14 кога го забележа најубедливиот пораз во историјата на Евролигата против ЦСКА во Москва 46-88. Од друга страна, ова е највисока победа во постоењето на Жалгирис кога станува збор за евролигашки натпревар.
Партизан навистина отиде на тешко гостување без шест кошаркари, но тоа не може да биде алиби за овој пристап на теренот. „Црно-белите“ изгледаа како екипа собрана од улица, без јасна концепција во играта и без шанси да дојдат до позитивен резултат. Сето ова се случува на 20-тина дена откако екипата ја напушти Жељко Обрадовиќ и беше најавена нова ера во историјата на Партизан.
По овој дебакл, белградскиот тим се врати на 17. место на табелата со биланс 6/11, додека Жалгирис привремено е на шестата позиција со 10/7.


