Препородот на Барселона продолжи денеска со историскиот натпревар против Басконија кој каталонскиот тим го однесе на делба на првата позиција во Евролигата.
По три продолженија, Барса славеше на домашен терен со 134-124, соборувајќи го рекордот на Евролигата по бројот на постигнати поени. Досегашниот беше сопственост на Реал Мадрид кој пред речиси две години против Анадолу Ефес постигна 130 поени.
Басконија водеше речиси во текот на сите основни 40 минути, во првата четвртина имаше +11 (21-10), во втората +15 (37-22), но Барселона не се предаде и во последниот период израмни на 75-75. Баскискиот тим повторно ја презеде иницијативата и поведе со шест разлика, но домаќините не се предадоа и покрај повредата на Вил Клајбурн и по серијата од 8-0 во финишот, дојдоа на 97-94, на 20-тина секунди пред крајот. Хауард потоа се погрижи за израмнување со тројка веднаш по изведувањето на топката од страна, а Барселона не успеа да го реализира последниот напад и мечот отиде во првото продолжение.
Во него двете екипи се сменија во водство, но немаше големи шокови и мораше да се игра и второ. Таму Басконија пропушти уште една шанса за победа затоа што поведе со 116-107 на нешто помалку од три минути пред крајот. И повторно Барса не се предаде, полека почна да го топи водството, гостите помогнаа со неколку промашени слободни фрлања за на десетинка пред крајот Пантер со положување да израмни на 122-122 и да го однесе натпреварот и во трето продолжение. Кога веќе Басконија ги пропушти своите шанси, Барселона одлучи да стави крај на историскиот меч. Отвори со 12-0, а Басконија својот единствен кош го постигна на 28 секунди пред крајот и тоа беше крај на сите надежи на гостите за добар резултат.
Кевин Пантер беше апсолутен херој на Барса, постигнувајќи 43 поени за 45 минути на теренот. Во клучните моменти се истакна Саторански кој заврши со 23 поени, а некрунисана остана партијата на Маркус Хауард кој заврши со 33 поени, вклучувајќи шест тројки од седум шута. За Пантер и Хауард тоа беа лични рекорди во кариерата.


